– Автопатско поврзување помеѓу Гостивар и Охрид, со крак кон Албанија и магистралниот пат Косел – Охрид – граничен премин Св. Наум, се само дел од проектите кои се однесуваат на Охрид, а содржани во изборната програма на ВМРО- ДПМНЕ, “ Манифест за реформи и развој”.
– Магистралниот пат Косел- Охрид- Св. Наум е сосема нов, паралелен пат на постојниот покрај плажите, а во понатамошниот период ќе бидат меѓусебно поврзани со попречни локални патишта. Вкупната должина на новиот пат ќе биде 39 км, а широчината на коловоз од две ленти од по 3,75 м. Вредноста на проектот се проценува над 70 милиони евра. Се планира средствата да бидат обезбедени со заем од меѓународните финансиски институции и национално кофинансирање од Буџетот на Република Македонија, рече Николоски.
Тој нагласи дека во следниот период во Охрид ќе бидат изградени 126 станови и куќи со рок за изградба во 2013 година, атрактивни пешачки и туристички зони околу природните езера, простори за рекреација, а ќе се изврши и уредување на крајбрежјето на Охридското езеро.
– На брегот на Охридското Езеро ќе отвориме Туристички развојни зони, каде по примерот на слободните економски зони ќе овозможиме градење на нови хотели и хотелски комплекси. Ќе отвориме и меѓународен јавен повик за светски реномирана архитектонска куќа, која ќе изготви долгорочен стратешки план за развој на Охрид и населените места на Охридското Езеро за наредните 20 години, рече Николоски.
Кандидатот за пратеник од ВМРО- ДПМНЕ потенцира дека во правец на развој на потенцијалот на Охридското Езеро, ќе се изгради затворен базен, ќе се изврши адаптација на старите армиски објекти (касарната), ќе се обезбедат средства за изградба на соодветни пречистителни станици кои ќе го овозможат развојот на Охридското крајбрежје без да влијаат на квалитетот на водата на езерото, а ќе се изгради и нов објект за Езерската полиција во Охрид. Се предвидува И санација и реконструкција на дел од основните и средни училишта во Охрид.
Николоски нагласи дека во текот на наредниот период ќе се доврши реновирањето на Болницата и ќе се изврши реновирање на Здравствениот дом, а ќе продолжи и изградбата на Светиклиментовиот Универзитет на Плаошник.










