Досегашниот тек на предизборната кампања се одвива во рамки на едни фер и коректни услови, со исклучок на почетната нервоза која постоеше во СДСМ, која сега се стабилизира, истакна на денешната прес конференција, кандидатот за пратеник од ВМРО- ДПМНЕ, Александар Николоски.


– Една од причините сметам дека е тоа што ние уште на почетокот од кампањата укажавме на одредени дејства кои СДСМ ги превземаше во однос на лицата кои требаа да ја штитат изборната победа. Со тоа превентивно влијаевме да не дојде до одредени инциденти, рече Николоски. Тој потенцира дека атмосферата во која ќе се одвива кампањата пред се зависи од волјата на политичките субјекти и го поздрави досегашниот коректен однос. 

Николоски напомена дека ВМРО- ДПМНЕ ќе ги продолжи средбите со граѓаните кои постојано изразуваат задоволство околу најавените проекти. Туристичките развојни зони, проектот за изградбата на базен, продажбата на ЕМО- Охрид под услов новиот сопственик да ги задржи вработените најмалку 5 години, се само дел од проектите кои предизвикаа највеќе интерес кај граѓаните, рече Николоски.


Во однос на најавените странски инвестиции во 2008 година во Охрид, Николоски потенцира дека до нивна реализација не дошло поради светската економска криза.

– Со неа највеќе беше погодена автомобилската индустрија и енергетиката, од која доаѓаа и компаниите кои тогаш беа заинтересирани да инвестираат во Охрид, рече Николоски. 

Тој истакна дека на претстојните избори ВМРО- ДПМНЕ очекува убедлива победа.  – Не затоа што сакаме апсолутна  власт, туку затоа што од едната страна кај нашите опоненти гледаме реформски сили, а на другата антиреформски сили кои покажаа дека не знаат или не сакаат да работаат , меѓу нив вбројувајќи ги сите партии кои се во коалција со СДСМ, потенцира кандидатот за пратеник од ВМРО- ДПМНЕ.

OhridNews