Даниел Медведев во своето трето финале стигна до првиот грен слем во кариерата, откако во финалето на УС Опен го совлада првиот рекет на светот Новаќ Ѓоковиќ со 3:0, по сетови 6:4, 6:4 и 6:4.
Ѓоковиќ беше на праг да освои календарски грен слем, но Медведев одигра фантастичен натпревар во кој направи многу малку грешки и имаше одличен сервис.
Медведев до финалето потроши многу помалку енергија, бидејќи имаше далеку посалаби противници, за разлика од Ѓоковиќ кој мина речиси 6 часа повеќе на терените до завршниот меч. Тоа ни од далеку не ја намалува победата на Медведев, дотолку повеќе што Русинот во финалето покажа извонредна игра и сосема заслужено стигна до својата прва грен слем титула.
Ѓоковиќ по мечот го призна поразот и му честиташе на противникот.
Ако некој заслужи да го освои овој грен слем тоа секако е Даниел. Тој одигра фантастичен турнир. – рече Ѓоковиќ, кој и се заблагодари на публиката за големата поддршка која му ја пружи во Њујорк.

До сега не сум го изјавил ова јавно, но сега ќе го направам тоа, Новак за мене ти си најдобриот тенисер во историјата на овој спорт. – рече Медведев, кој инкасираше 2,5 милиони долари за триумфот на УС Опен.
Србинот Ѓоковиќ остана на своите 20 грен слем титули, колку што имаат и Федерер и Надал.
Г.М.
 
					



 
							







 
					