По одличниот прием на првата изведба, театарската импровизација „Импровокација“ повторно ќе ја тестира фантазијата на актерите и креативноста на публиката. На 5 август, во рамките на Summer Comedy Marathon ’26, охриѓани и гостите ќе имаат последна можност сезонава да бидат дел од шоу во кое секоја претстава е единствена и никогаш не се повторува.
На малата сцена на Народниот театар во Охрид, од 20 часот, Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски и Филип Кипровски, со музичка поддршка од Никола Јосифоски на пијано и Филип Ангеличин – Жура, повторно ќе излезат пред публиката без сценарио, без однапред договорени реплики и без можност да предвидат во кој правец ќе се развива претставата.
По првата вечер преживеавме. Публиката исто така. Значи, време е за уште една доза целосно непредвидлива комедија, вели Стрезо Стаматовски, најавувајќи ново шоу во кое секој предлог од гледалиштето може да стане комична сцена, песна, љубовна приказна, криминалистичка драма или целосен театарски хаос.
Во тоа, вели тој, е и магијата на „Импровокација“ , никој, па ни актерите, не знае како ќе заврши вечерта.
Проектот претставува спој на канадските техники за Theatre Sport и американската театарска импровизација. Во околу 90 минути се изведуваат повеќе различни импровизациски игри, а публиката не е само набљудувач, туку активен учесник што директно влијае врз развојот на секоја сцена.
Организациски фестивалот го држиме на високо ниво, а како „Импровокатори“ сме во полна енергетска форма и со нетрпение го чекаме новиот судир со нашата публика, вели Филип Ангеличин – Жура.

Последната изведба за оваа сезона е токму на Summer Comedy Marathon ’26, истакна Тодороски.
Сите што ја пропуштија првата имаат нова шанса да искусат вечер во која ништо не е однапред испланирано, а оние што веќе биле дел од „Импровокација“ ќе гледаат сосема ново шоу, затоа што во светот на импровизацијата иста претстава едноставно не постои.
Г.М.
Фото: А. Момироска
































