На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на одржаната седница на владата во Битола, усвоена Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година, според која со ребалансот на буџетот на Република Северна Македонија се предвидени нови 915 милиони денари за исплата на финансиски средства на земјоделците.

Со овие средства ќе се изврши исплата на земјоделските стопанства од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година и тоа за единствените барања по површина за производителите на полјоделски, градинарски, лозарски, овоштарски култури, како и исплата по грла на сточарите и тоа за говеда, овци, кози, свињи, живина и пчелни семејства.

Обезбедени се пари и за исплата на производители на градинарски производи кои своите производи ги имаат предадено во преработувачки капацитети, како и за откупена пченица од род 2018 година од домашно производство. Во измената предвидени се и финансиски средства за исплата на произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко кое е предадено во периодот јануари заклучно со април 2018 година. До крајот на годината ќе бидат исплатени производителите на јаболка за произведено и предадено јаболко кај откупувачи, како и производителите на свињи кои ќе аплицираат за под-мерката за депопулација на свињите.