Собранието на Република Северна Македонија го прифати предлогот за избор на министри и заменици министри во Владата на РСМ.

Премиерот Заев за нови членови на Владата ги предложи, а Собранието ги прифати Нина Ангеловска, за министерка која ќе раководи со Министерството за финансии и Хисен Џемаили, за министер без ресор, кој ќе биде задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија.

„Убеден сум дека двајцата кандидати ќе дадат сериозен придонес, особено зашто се работи за експерти во економијата која го доби врвниот приоритет на Владата за оваа година“, потенцираше премиерот Заев во своето образложение за избор на министри во Владата.

На оваа собраниска седница е прифатен и предлогот за заменици министри да бидат избрани Кирил Колемишевски, за заменик министер во Министерството за економија; Елизабета Наумовска, за заменик во Министерството за образование и наука; и Неџат Мехмедовиќ, за заменик во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.