Ревијата за книжевност  „Бранувања“ која се печати и издава во Струга, во августовскиот број донесува прилог: за 50-годишниот јубилеј на Струшките вечери на поезијата и интервју со Академик Матеја Матевски, добитникна Златниот венец. Поместен е и пригоден текст за  Струшките вечери на поезијата и нивниот влог во светската литература на Петко Шипинкаровски и Домот на културата – храм на светските меридијани од Наум Бајо. Со избор од поетското творештво застапени се струшките венцоносци Јанис Рицос и Фазли Хисни Дагларџа, како и на овогодишниот добитник на наградата Мостови на Струга, јапонскиот поет Хироши Танаучи.

Во овој број на „Бранувања“ има текст уште за еден јубилеј: 150 години од излегувањето на Зборникот на „Браќата Миладиновци“; Карактерните разлики меѓу браќата Константин и Димитрија Миладинови од хрватскиот македонист, Академик Горан Калоѓера. Во рубриката Историја на литературата има прилог; Градот како метафора и топос на Христо Петрески, а во рубриката Критика има прилози на Петко Шипинкаровски,  Мерсиха Исмајлоска, Христо Петрески и Милица Димитриевска-Радевска.

Од современите хрватски автори застапени се: Колинда Вукман, Рикардо Сарај, Весна Мицулиниќ-Прешњак, Валерио Орлиќ, Лари Шета, Санин Ќиковиќ, Јованка Баиќ-Јеловац и Фикрет Цацан со избор песни од нивното творештво, а од македонските поети: Анте Попоски, Трајче Кацаров, Борче Панов, Весна Мундишевска Радевска, Јован Негриевски, Јан Петер Валенса и Наум Попески. Следуваат и прилози раскази на Петре Димовски, Мерсиха Исмајлоска и Петко Шипинкаровски и есеи на Ристо Ѓ. Јачев и Љерка Тот Наумова.  Потоа има прилози на Стојан Кукунешоски за Гоцевите денови – Подгорци, и на Ранко Ристо Бебекоски: Чествување на Илинден; Македонсците во Србија. Во Бранувања има продолжение на фељтонот; Фолклорот на Албанците во Македонија од  Беџет Асани како и рубриката анаграми со прилози на Тоде Илиевски.

OhridNews