Дрворед, инаку еден од главните белези на секој булевар, барем засега, нема да има на дел од тротоарите кои се реконструираат на „Туристичка“ на потегот од кружниот тек со „Стив Наумов“ до кружниот тек со ул. „Бистрица“. Во тек е асфалтирање на тротоарите, но како што може да се забележи не се остава простор за засадување дрва.

Стариот дрворед беше отстранет неодамна, бидејќи не бил соодветен. Тогаш локалната самоуправа најави дека истиот ќе биде заменет со нов.

-Во рамките на реконструкцијата на тротоарите ќе биде извршена и замена на постоечкиот дрворед со нови садници.Сегашниот дрворед се состои од стебла на јавори и јасени кои имаат плитки корени и имаат направено оштетувања, односно подигнувања и напукнувања на тротоарите. – соопшти на 4-ти април локалната самоуправа.

Реконструкцијата на тротоарите на „Туристичка“ сега влегува во четвртиот месец. Дали, кога и  како ќе биде обновен дрворедот не успеавме да добиеме одговор од одделението за односи со јавност во локалната самоуправа, каде се обративме во текот на вчерашниот ден.

Инаку, реконструкцијата на дел од тротоарите на булеварот „Туристичка“ започна во месец март. Долг период работите беа во застој, што се објаснуваше со потреба од дополнителни  зафати за замена на старата инсталација. И овој пат општината го заборави паркингот пред станбениот комплекс непосредно до реката Грашница на булеварот „Туристичка“ кој 40 години се дави во прашина.

OhridNews