Основното јавно обвинителство Охрид покрена постапка против повеќе физички и правни лица за незаконски активности при реконструкцијата на споменикот на култура Али Пашина џамија во старата чаршија на која се доградува минаре од 32 метри, кое претходно не постоеше на објектот, повеќе од еден век.

Обвинителството констатирало дека осомничените презеле градежни дејствија само врз основа на добиено конзерваторско одобрение во 2016 година, но не поседувале правосилно одобрение согласно прописите за градење од Министерството за транспорт и врски, без што не смееле да отпочнат активности за реконструкција на Али Пашината Џамија. Тоа било утврдено од инспекциските служби, но нивните укажувања и решенија за стопирање на активностите, не биле почитувани, велат од обвинителството.

Воедно, од Основниот суд во Охрид согласно член 39, во врска со член 146 ст.1 т.7 и чл.147 ст.6 од Законот за кривична постапка е побарано издавање на забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, односно забрана за преземање на градежни дејствија на наведената недвижност.

Основно јавно обвинителство – Охрид

Случајот со реконструкцијата на Али Пашината џамија подолг период ја бранува охридската јавност. За денеска беше најавен граѓански протест, кој беше одложен откако премиерот Заев за утре најави средба со претставници на здружението „Совест“, кое го актуелизира случајот во јавноста и в.д. градоначалникот на Охрид. Тој деновиве остварил средба и со претставници на локалното муфтивство, кое според најавите исто така треба да биде вклучено во разговорите за надминување на проблемот кој ги сензибилизра меѓуетничките односи во градот.

Во меѓувреме поради утврдени неправилности Управата за заштита на културно наследство ја стопира реконструкцијата на Али Пашината џамија во Охрид.

OhridNews