Со средства од норвешката амбасада обезбедени се 25 респираторни машини за потребите на Инфективната клиника во Скопје. Како што рече заменик претседателот на Владата за европски прашања, Бујар Османи, во моментот респираторите се во депо во Турција и во тек се разговори околу нивниот транспортот, при што се разгледуваат опции и за заеднички транспорт со останатите земји во регионот.

Османи информира дека се обезбедени уште 30 респираторни машини од Кина кои се набавуваат со средства од ЕУ од првите 4 милиони евра кои ги обезбеди делегацијата на ЕУ, а ќе се купуваат преку УНДП. Со оглед дека нашата земја е една од 100 земји кои бараат респираторни машини од Кина, нивното производство е во тек и според можностите тие ќе се испраќаат до земјите.

Како што потенцира Османи среќна околност е што ЕУ донесе одлука за почеток на преговорите со што се отвара можноста и за финансиска поддршка од ЕУ при справување со коронавирусот.

OhridNews