19:00 Бугарското Министерство за здравство го коригира бројот на загинати во двете верижни несреќи на автопатот „Тракија“ кај Зимница, во близина на Јамбол, од 12 на 11. Според соопштението од 10 ноември во 17:00 часот по бугарско време, десет лица загинале на местото на несреќата, а едно починало во болницата во Јамбол.

Најмалку 11 загинати во две верижни несреќи на автопатот „Тракија“ во Бугарија. Фото: Скриншот Х.

По несреќите, во болниците во Сливен, Јамбол и Бургас биле примени вкупно 51 лице, вклучувајќи го и пациентот кој подоцна починал во Јамбол. Министерството соопшти дека 13 лица се тешко повредени.

Според бугарското МВР, во двата верижни судара учествувале 86 возила, од кои 63 во правец кон Бургас и 23 во правец кон Софија. Несреќите се случиле утрото при густа магла, по што сообраќајот на делницата бил прекинат во двата правца.

Фото: Скриншот Х.

Бугарската Национална следствена служба ја презеде истрагата под раководство на Окружното обвинителство во Јамбол. Обвинителството соопшти дека се врши повторен увид и дека ќе биде назначено автотехничко вештачење за да се утврдат причините за судирите. За 11 ноември е најавен ден на национална жалост.

OhridNews