И во текот на минатата ноќ регистрирани се низа земјотреси во околината на Охрид. Последниот е регистриран во 9.30 часот со јачина од 2.3 степени со епицентар на 7 километри од Косел.

На овој земјотрес му претходеа уште три потреси. Во 6.02 часот регистриран е земјотрес со јачина од 2.5 степени, а во 3.52 часот посилен потрес од 2.9 степени. Нешто послаб земјотрес со јачина од 2.7 степени е регистриран и синоќа во 23.26 часот, сите со епицентар на неколку километри од Косел.

Освен вознемиреност кај населението, потресите не предизвикаа никаква штета.

Според директорот на Институтот за земјотресно инженерство Михаил Гаревски, во Охридскиот регион можни се земјотреси, но не би требало да случат некои позначајни, со поголема магнитуда. Тој во изјава за медимуте деновиве истакна дека Охридскиот регион, делот околу Косел е активно сеизмичко подрачје. Потсетува дека лани таму имаше земјотреси и со поголеми магнитуди што според него укажува дека енергијата за некој поголем земјотрес е истрошена. Сега имаме некоја редистрибуција на напрегање со серија мали шокови кои не можат да предизвикаат некоја поголема штета“, изјави за порталот СДК директорот Гаревски.

OhridNews