На градскиот плоштад во Охрид, денеска (среда) ќе биде отворен пункт каде граѓаните ќе можат да ја дадат својата поддршка на иницијативата за законски измени со кои треба да им се олесни животот на лицата со пречки во развојот. Пунктот на кој ќе се собираат потписи ќе биде отворен во 10 часот, информираат од Здружението на граѓани со ретки болести „Живот со предизвици“.

Досега над 6000 граѓани се потпишаа на иницијативата која за да влезе во собраниска процедура, потребни се 10000 потписи. Со иницијативата се бара измена на повеќе закони и подзаконски акти, а меѓу главните барања е да се избрише старосната граница од 26 години, по која во повеќе закони им се ограничува државната помош на овие лица. До 26 годишна возраст лице со пречки во развојот, има право на бесплатни прегледи и лекување, како и право на посебен додаток. По навршување на оваа возраст, лековите не се бесплатни, а го губат и правото на посебен додаток.

OhridNews