
По само половина час од почетокот, судијката Татјана Михајлова го одложи рочиштето затоа што предметот по жалба на казните на обвинителките Катица Јанева и Фатиме Фетаи сè уште се во Апелациониот суд.
Фатиме Фетаи праша зошто целиот предмет се наоѓа во Апелација, но судијката не одговори и само го одложи судењето.
Инаку, на едно од минатите рочишта Катица Јанева и Фатиме Фетаи беа казнети со по 2.000 евра поради, како што наведе тогаш судијката, недолично однесување од страна на обвинителките. СЈО вложи жалби на ваквото решение, за кои сè уште нема одлука.
Во судницата се појавија обвинетите, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова.
Во судницата, исто така, беа и оштетените, меѓу кои и градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски.
Обвинението на СЈО се однесува на протестите пред објектот на Општина Центар во јуни 2013 година. Во овој случај обвинети се 14 лица за насилство, од кои петмина како поттикнувачи, а деветмина како директни извршители на насилството.
Обвинението произлегува токму од прислушуван разговор воден меѓу високи носители на извршната власт на 1 јуни 2013 година. Разговорот бил воден откако била закажана седница на Советот на Општина Центар на која требало да бидат поништени неколку детални урбанистички планови, меѓу кои и за ДУП за Мал ринг.
OhridNews
извор: „Макфакс“











