Денес во студиото „Кинезио“ во Охрид се извршија бесплатни прегледи на мускулно-скелетниот систем кај децата, односно се даваа совети за превенција од проблемите кои можат да го попречат правилниот раст и развој кај најмладите.
Како што вели кинезиотерапевтот, Јован Каланоски, во текот на денот во студиото „Кинезио“ се обратиле голем број охриѓани заедно со своите најмлади.
„Во текот на денот прегледавме доста деца, кај кои покрај деформитетите на грбот како кифоза, сколиоза и искривување на вратот, сретнавме и доста случаи со рамно стапало. Тоа е сериозен проблем, на кој не му се посветува многу внимание, а кој треба да се третира соодветно. Исто така, доаѓаа и деца на кои им недостига висина поради скратената мускулатура, која ги кочи да вишат онака како што треба. Процентот е стандардно висок за град Охрид, а според нашите проценки околу 70-80 отсто од оние кои не посетија, имаа некаков проблем.“ – вели Каланоски.
Тој се надева дека овие бесплатни прегледи и совети ќе продолжат и во идниот период, како навремено би се спречили евентуални деформитети кај децата кои можат да бидат пречка за нивниот правилен раст и развој.
„Штета што не можеме почесто да организираме вакви прегледи, но се надевам дека во иднина ќе најдеме време барем тоа да го правиме еднаш во месецот. Родителите добиваат совети, мислења, се консултираат и се запознаваат со деформитетите кои се почесто се среќаваат кај младите.“ – објаснува Каланоски.
Исто така, сите заинтересирани имаат можност да се запишат на тримесечен третман со промотивен летен попуст, кој вклучува превентивни вежби за корекција на проблемите, како и за раст и развој на телото.
Инаку, во текот на изминатите две години, резултатите од стручните прегледи на основците во градот извршени во рамки на проектот за навремено откривање на деформитетите кај децата, покажа дека драстично се зголемува бројот на младите кои имаат проблеми со мускулно скелетниот систем.
OhridNews












