Петмина припадници на полицијата загинаа, а над 30 се ранети во акцијата за разбивање на терористичка група во Куманово. Оваа информација вечерва на прес конференција ја соопшти министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска. Таа изрази сочувство до семејствата на загинатите полицајци. 

Јанкуловска истакна дека полицијата се судрила со тешко вооружена група, високо обучена и тактички добро поставена. Отпорот бил скршен нешто по 18 часот кога се предала поголема група терористи, но престрелките со уште поголем интензитет продолжиле со друга група во истиот реон. Подоцна се предала уште една група, но полицијата се соочила со уште пожестоки напади од терористите кои одбиле да се предадат при што настрадале припадниците на македонските безбедносни сили.

-Состојбата на терен се уште е високо ризична и борбите траат, рече министерката Јанкуловска, додавајќи дека засега институциите немаат информации за бројот на загинати на страна на терористите и за цивилни жртви.

Претходно телевизија Телма јави дека тројца од загинатите се од полошко, а информацијата ја потврдиле и членови на семејствата.

OhridNews