Полицијата ја растера толпата која вечерва протестираше пред Владата, по што демонстрантите се поделиле на помали групи и биле поттиснати по малечките улици околу Илинденска и Климент Охридски.

Репортерот на Радио Слободна Европа од терен јавува дека на ова му претходеле жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата.

Мирните протести за барање одговорност поради убиството на Мартин Нешкоски пред четири години, што почнаа попладнево пред Владата ескалираа, прво со јајца и домати кон Владата, а потоа и со камења и со директни судири меѓу неколкуте илјади демонстранти и полицијата.

Според неофицијални информации имало неколкумина повредени полицајци и демонстранти и неколкумина уапсени демонстранти, но засега нема официјална бројка. На улиците биле извадени и водени топови, а демонстрантите запалиле неколку контејнери.

Инаку претходно медиумите информираа дека еден полицаец го напушти кородонот и ја отвори железната ограда со која е обиколена Владата и ги пушти демонстрантите да влезат во дворот. Многу од демонстрантите го гушкаа полицаецот по што тој се одалечил од толпата.

OhridNews

Извор:„Радио Слободна Европа“

Фото: „Вест“