22:10 Бројот на жртви во силниот земјотрес што денеска ја погоди западна Колумбија продолжува да расте. Според најновите информации на светските агенции, најмалку 111 лица загинаа, а 87 се повредени.

Спасувачките екипи продолжуваат да ги пребаруваат урнатините во погодените подрачја, каде сè уште има затрупани лица. Земјотресот предизвикал оштетувања на стотици објекти и погодил повеќе од 20 општини, меѓу кои Переира, Кали, Кибдо и Манисалес.

Поради размерите на катастрофата во земјата е прогласена вонредна состојба, а властите мобилизираа дополнителни ресурси за спасување и помош на населението. Пристапот до некои од погодените подрачја во Чоко е отежнат, што дополнително ги усложнува спасувачките операции.

Според Американскиот геолошки институт – USGS, земјотресот бил со магнитуда 7,4, со епицентар на околу пет километри источно од Сан Хосе дел Палмар, во западна Колумбија. Жариштето било на длабочина од 107 километри.

Силниот потрес бил почувствуван низ голем дел од Колумбија и во соседен Еквадор, а по главниот удар биле регистрирани и последователни потреси.

Спасувачките операции продолжуваат, а властите предупредуваат дека билансот на жртвите сè уште не е конечен.

OhridNews