СДСМ: Целта е да се задоволат интересите на тесниот партиски врв на ДПМНЕ и бизнис партнерите

Пред нецела една година истата оваа градска власт многу помпезно, но очигледно во нивни стил, без никакви искрени намери, го раскина договорот со концесионерот за користење на просторите за паркирање во градот, и најави користење на паркинзите во владение на јавното претпријатие, а се во наводен интерес на граѓаните, за вчера да донесе одлука за повторно воспоставување на приватно партнерство за стопанисување со тие простори, се наведува во реакцијата од општинската СДСМ во врска со усвојувањето на физибилити студијата и давањето согласност од страна на мнозинството во советот за започнување на постапка за доделување на договор  за воспоставување  јавно приватно партнерство за имплементација на електронскиот систем за наплата на паркинзите.

– На што се должи оваа крајно радикална промена на ставот, освен само на фактот да се задоволат интересите на тесниот партиски врв на ДПМНЕ и одредени структури на нивни бизнис партнери. Наводната физибилити студија е сосема очигледно правена за да покаже дека ЈП „Билјанини извори“ не може само рентабилно и профитабилно да стопанисува со паркинзите, на што ние цело време им укажувавме за време на седницата дека не е така и дека ЈП според студијата може и само да стопанисува. Износот на инвестицијата од 6.082.575 денари е дефинитивно превисок за вакви вложувања. Главната инвестициска ставка за набавка на иновативен софтвер за наплата во износ од 4.920.000 е пренапумпан трошок, за што сведочи и незнаењето на претставникот на изработувачот на студијата да одговори на нашите прашања како дошол до овој износ, и што нормално предизвикува сомневања дека постои простор за стекнување со материјална корист во време на набавката.Високо проектираните наводни трошоци за човечки ресурси во износ од 3.448.800 денари на годишно ниво, кои би ги имало ЈП „Билјанини извори“ доколку само ги користи паркинзите, исто така се нереално високи, а се со цел да се фаворизира опцијата за влегување во приватно партнерство, велат од ОО на СДСМ.

Оттаму, додаваат дека лицемерието било најочигледно кога врз нивните советници се вршел притисок да го прифатат ваквиот начин на работење на јавното претпријатие, со образложение дека ќе останеле без работа вработените во тоа претпријатие.

ВМРО-НП: Зошто ДПМНЕ бега од ставовите со кои ги доби локалните избори?

ДПМНЕ уште еднаш го покажа своето вистинско лице пред граѓаните. Лицемерието што го покажува партијата и нејзиното општинско раководство заедно со градоначалникот Никола Бакрачески ги надмина сите граници, велат од општинската ВМРО- Народна партија.

– Како вчера да беше, кога  партијата жестоко реагираше за паркинзите во Охрид, кога организираше протести и кога тврдеше како граѓаните на Охрид трпеле поради криминални дејности и давањето на приватници на јавниот паркинг простор. Со барање приватен партнер преку јавно – приватно партнерство, власта на ДПМНЕ се поби самата себе си во тврдењата од пред само една година. Планираната инвестиција во висина од околу 3 милиони денари самата општина можеше да ги обезбеди и јавното претпријатие самостојно да стопанисува со паркинзите. Сега профитот ќе го дели со некој друг, а сите трошоци паѓаат на јавното претпријатие како плати, даноци, комунални такси додека единствено партнерот само ќе го собира профитот. Средства за инвестиции внатре во Јавното претпријатие ќе нема за подобрување на спортски капацитети и слично, нагласуваат од ОК на ВМРО-НП.

Оттаму, прашуваат зошто ДПМНЕ бега од ставовите со кои ги доби локалните избори во Охрид.

– Зошто не кажаа колку вработени ќе бидат отпуштени од работа, дали цената на паркинг просторот ќе остане онаа која е моментално или во понатамошниот период ќе има промена и дали граѓаните треба да очекуваат покачување на цената за паркирање?!, прашуваат од ВМРО-НП.

Општина: Прифатената опција е најпогодна

Како ниедна друга локална власт до сега многу транспаретно на вчерашната седница на Советот на општина Охрид во присуство на медиумите, од страна на изработувачот на физибилити студијата таа во детали беше презентирана, велат од локалната самоуправа по упатените реакции од ОО на СДСМ и општинската ВМРО-НП .

Во однос на опцијата за набавка на системот за наплата на паркинзите по пат на обезбедување хипотекарен кредит, од локалната објаснуваат дека  јавното претпријатие поради тоа што е кредитно неспособно и има застарени долгови, не исполнува услови за добивање кредит. Додаваат дека како локална самоуправа не се подготвени јавните добра и инфраструктурни објекти во Охрид како што е спортската сала да се ставаат под хипотека и да има голем ризик истите да се загубат. Доколку наплатата на паркинзите се врши според постоечкиот систем, се покажува непродуктивност, објаснуваат од локалната самоуправа. Оттаму, потенцираат дека поради горенаведеното единствена погодна опција е прифатената од страна на советот.

– Со тоа претпријатието добива најсовремен систем за електронска наплата на паркинг простори ставен во комплетна функција, обврската за тековно оддржување и сервисирање ја има некој друг, ги задржува сите вработени на работа дополнително има можност за вработување на нови лица, вработените се безбедни и немаат директен контакт со лицата на кои треба да им наплатат, системот на контрола е на највисоко ниво и најважно паркинзите се во негова сопственост цело време и во текот на петте години додека трае договорот со приватниот парнер оставарува приходи не помали од 75% (процент кој сигурно ќе биде поголем) од вкупните приходи пробирајќи ги сите средства на сопствена сметка а потоа ЈП ќе го трансферира делот за приватниот парнер до него. После петтата година од договорот целокупната опрема преминува во сопственост на ЈП Билјанини извори и мора да биде во исправна состојба во вредност не помала од 1.000.000 денари, потенцираат од локалната самоуправа.

ЈП „Билјнини извори“

Со разјаснувањето на сите претходни дилеми од страна на изготвувачот на физибилити студијата на вчерашната седница на Советот на општина Охрид, како и цврстите гаранции што во својата дискусија ги изнесе директорот на ЈП „Билјанини извори“ во насока на сите прашања од интерес на јавноста во врска со вработените, цените, и идното работење на претпријатието, за ЈП „Билјанини извори“ значеше конечно разјаснување поткрепено со факти и податоци, околу сите нејаснотии кои тенденциозно беа пласирани во јавноста поврзани со јавниот паркинг простор со кој ние стопанисувам, велат од ЈП „Билјанини извори“.

– Но за жал, иако очигледно ја знаат вистината и знаат дека одлуката е единствено можна во овој момент, продолжуваат да изнесуваат невистини се со цел да не дозволат ЈП Билјанини извори да застане на позитивна патека, која во иднина ќе го извлечи претпијатието од оваа тешка финансиска ситуација од која ќе имаат бенефит сите вработени во претпријатието вклучувајќи ги и нивните партиски колеги. Иако до сега како Јавно претпријатие никогаш не сме ја преминале границата на коректна коресподенција помеѓу Јавно претпријатие и политички субјект, иако никогаш до сега не сме сакале да ги покриваме нашите одлуки со лошите одлуки на претходниците, се во интерес на достоинството на претпријатието и достоинството на јавниот живот во Охрид , тоа за момент крајно испровоцирани од секојдневните лаги и шпекулации кои немаат крај, ќе мораме да го направиме со што конечно и засекогаш на јавноста ќе им го покажиме вистинското лице на нашите охридски “душегрижници” и “борци” за интересот на ЈП „Билјанини извори“, велат од ЈП „Билјанини извори“.

OhridNews