Силно невреме пропратено со интензивни врнежи од дожд и град попладнево го зафати охридскиот регион. За петнаесеттина минути улиците низ градот,паркинзите пред станбените згради, како и голем број приземни простории од објекти  се исполнаа со вода.

Од Центарот за управување со кризи- Охрид информираа дека засега нема пријавени случаи на предизвикана штета од невремето, ниту од страна на физички лица, ниту пак од институции.

Од Управа за хидрометеоролошки работи известуваат дека продолжува периодот на нестабилно време со поројни врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер, особено во попладневните часови, кога се можни поинтензивни процеси со појава на град. Во петок и сабота врнежите ќе бидат локализирани во западните делови од земјава. Целосна стабилизација на времето со пораст на температурата се очекува од недела.

Од Центарот за управување со кризи со апел: во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.

OhridNews