Премиерот Никола Груевски, денес, во Куманово е реизбран за лидер на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и доби нов четиригодишен мандат да ја води партијата. На Конгресот, Груевски беше единствен кандидат за претседател на партијата. Како што информира претседателот на Комисијата за спроведување на избор за претседател на партијата Илија Димовски од вкупно 560 делегати, за избор на претседател гласале 529, од кои 528 за Никола Груевски, а едно ливче е неважечко.

Ова е четврти четиригодишен мандат за премиерот Груевски кој првиот мандат од кога ја предводи партијата го доби на Конгресот во Охрид во 2003 година кога противкандидат му беше Марјан Ѓорчев.

Делегатите на ВМРО-ДПМНЕ, вчера попладне, во текот на работниот дел од Конгресот, кој се одржува зад затворени врати, донеле Конгресна повелба, во која, според информациите се утврдени насоките за понатамошното дејствување на ВМРО-ДПМНЕ, врз основа на конгресниот слоган „Силна Македонија! Стабилност, работни места, инвестиции, доверба, перспектива“. Усвоен бил и Извештајот за финансиското работење на партијата во периодот 2011-2015 година.

OhridNews

извор Макфакс