Од СВР Охрид информираат дека сообраќајната незгода се случила во 5 часот утрово, на регионалниот пат Св.Наум-Охрид, во близина на Хидробиолошкиот завод во Охрид.
Од здобиените повреди, на местото на настанот животот го загубил 20-годишниот Дејан Т, додека со тешки телесни повреди се здобил Р.Д. (25), двајцата од Охрид. Поради здобиените тешки повреди и сериозната здравствена состојба, Р.Д. е префрлен во хируршкото оделение во Општата болница во Охрид, каде е задржан на понатамошно лекување. На истото оделение, но со полесни повреди се наоѓа и Ж.П. (22) од Охрид.
– Сега починатиот, заедно со двете повредени лица, се наоѓале во патничко моторно возило марка „Опел Корса“ со охридски регистарски таблици и по регионалниот пат се движеле од Рача кон Охрид. Во критичниот момент, Р.Д. кој го управувал автомобилот, изгубил контрола врз возилото, излетал на десната страна надвор од коловозот, удрил во ивичник од патот, а потоа и во електричен столб. Од ударот, возилото се извртело и повторно се вратило на коловозната лента, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
На местото на сообраќајната незгода, извршен е увид во присуство на Јавен обвинител и полициски екипи од СВР Охрид и подигнати се траги за вештачење. За време на увидот, сообраќајот беше пренасочен и се одвиваше по една сообраќајна лента.
OhridNews












