Три лица од Охрид се здобија со тешки телесни повреди во сообраќајна незгода што синоќа во 17 часот и 15 минути се случи на магистралниот пат Охрид-Кичево во близина на Ново село.

Поради сериозноста на повредите, доцна синоќа двајца од нив се испратени во Ургентниот центар во Скопје, додека третиот кај кого се констатирани скршеници на левата натколеца, задржан е во Специјалната болница „Св. Еразмо“.

Сообраќајната незгода се случила во момент кога патничко моторно возило марка „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки управувано од 24-годишен охриѓанец, движејќи се во правец од Кичево кон Охрид, со цел да избегне директен судар со возило „Голф“ кое на полна линија од спротивниот правец претекнувало две товарни возила, излегло надвор од коловозот на десната страна и повторно се вратило на коловозната лента.

Потоа со предниот дел удрило во задните леви тркала од товарно моторно возило марка „Ивеко“ со албански национални ознаки, кое се движело во правец од Охрид према Кичево и се извртело на коловозот.

На местото на тешката сообраќајна незгода извршен е увид во присуство на јавен обвинител од основниот суд во Охрид, овластен судски вештак како и полициски екипи.

За време на увидот кој траеше до 21 часот, сообраќајот беше пренасочен по локалниот пат низ Ново село.

По наредба на јавниот обвинител, врз патничкото моторно возило „Мерцедес“ ќе биде извршено дополнително вештачење и технички преглед.

OhridNews