Охридската локална самоуправа со поддршка на Постојаната мисија на Република Македонија при Советот на Европа денес во Стразбур, Франција го претставила културното наследство на градот Охрид. Презентацијата се одржала во Фоајето на Комитетот на министрите на Советот на Европа во Палатата на Европа, јави дописникот на „МИА“ од Стразбур.

Ова е прво поедничено претставување на еден македонски град во Советот на Европа и една од ретките културни манифестации кои биле организирани од страна на нашата земја во најстарата паневропска организација во која Македонија членува од 1995 година. На дипломатскиот кор од 47 земји членки, како и земјите обсерватори на Советот на Европа им биле претставени постери и фотографии од еден од најубавите градови во Европа и светот, заштитен како дел од светското културно наследство на УНЕСКО.

На присутните, најпрво им се обратил амбасадарот на Република Македонија при Советот на Европа Петар Поп Арсов.

-Оваа промоција на Охрид го нема само значењето за промоција на градот, културата и наследството на самиот град, туку таа има севкупно значење за Република Македонија. Овде во СЕ пред 47 земји членки Македонија покажува дека е дел од европското семејство. Сите промоции кои се организираат овде во СЕ се потврда на тоа, истакнал амбасадарот Петар Поп Арсов.

Во името на Советот на Европа се обратила генералната директорка на Дирекцијата за Демократија на Советот Снежана Самарџиќ-Марковиќ.

-Нас во Советот на Европа, Охрид ни е исклучително добар пример како да се помири наследството и урбанизацијата, бидејќи тоа понекогаш претставува конфликт. Охрид е пример дека развојот не го погоди толку многу самиот град и неговата убавина. Ние следиме што се случува и Охрид е меѓу нашите најважни точки не само поради природата и убавината, туку и поради тоа што тој често е домаќин на наши конференции, потенцирала Самарџиќ-Марковиќ

На крајот од презентацијата, за својот град лично зборувал и градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, кој се осврнал на цивизлизациските придобивки, природните убавини и културните знаменитости заштитени од УНЕСКО и богатата историја на духовниот центар од каде извира словенската писменост.

-Со промотивните печатени и видео материјали, се обидов да Ви доловам дел од убавините на Охрид, врз кои се темелат и нашите стратегии за развој на туризмот и зголемување на бројот пред се на странските гости. Ве поканувам да ги вкусите и нашите специјалитети од охридската и македонската традиционална кујна , а додека разговарате за Охрид и Македонија, како наши искрени пријатели, убавите зборови споете ги со убавото вино.-им порачал Бакрачески на присутните.

Тој додал дека ова е сепак прво искуство со кое Охрид сака да почне една нова стратегија во промотивните и маркетиншките активности за градот, пред се во културата и природното наследство со кое Охрид изобилува.

-Нас ни требаат вакви промотивни активности. Уште мината година си поставивме задача Охрид да го претставиме во европските институции. Ова во претставување во Стразбур е првата етапа од тоа претставување, истакнал градоначалникот Бакрачески.

По официјалното претставување, присутните имале можност да пробаат дел од охридските кулинарски специјалитети залеани со македонски вина и ракија, кои биле донесени специјално од Македонија. Покрај бројните македонски јадења, на трпезата била послужена и охридска риба.

Презентацијата на Охрид во Стразбур ја проследи специјалниот дописник на МРТВ Тони Гламчески, кој подготви прилог за најголемиот туристички центар во Македонија, кој може да го погледнете тука.

OhridNews