Вршителот на должност Aмбасадор на С.Р. Германија во земјата, Н.Е. Ото Граф, денеска ја посети фабриката „Костал Македонија“ во Охрид, една од поголемите германски инвестиции од автомобилската индустрија кај нас. Од започнувањето на инвестицијата „Костал“ вложи над 60 милиони евра и вработува околу 630 лица.

На средбата, Aмбасадорот се информирал за состојбата во групацијата „Костал“ на глобално ниво, како и за проблемите и предизвиците со кои се соочува компанијата во екот на пандемиската криза.

Во изминатите четири месеци како последица на кризата, „Костал Македонија“ забележа сериозен пад на планираните приходи кои следеа по неколкугодишен период на постојано инвестирање. Иако кризата силно ги тангираше развојните проекции и плановите за вработувања, „Костал Македонија“ се уште успева да ги задржи вработените но и продолжува да вработува нови стручни кадри. При тоа, беше истакнат и зголемениот инетерес на младите лица и апсолвенти од техничките факултети за специјално дизајнираната програма на „Костал Македонија“ – “Инженери на тренинг“. Исто така, „Костал“ е активен учесник во програмата за дуално образование поддржана од германската стопанска комора, која нуди големи бенефити за младите лица кои својата иднина ја гледаат во техничките области, но и за самите компании. – информира компанијата за посетата на германскиот Амбасадор.

Автомобилската индустрија е една од најпогодените од корона кризата, чиј пад негативно се рефлектира, посебно на германската економија, а воедно има и мултиплицирачки ефект во помалите земји од регионот, кои се извозно поврзани со С.Р. Германија. Според последните истражувања, европската економија ќе биде меѓу оние кои најдоцна ќе излезат од рецесијата. За ова сценарио треба државите и носителите на економските политики навремено да реагираат, посочува менаџментот на „Костал Македонија“.

Ефективна финансиска и друга поддршка за индустријата од страна на државата е неопходна. Во оваа насока, како последица од кризата, веќе е отпочнат процесот на промени и релоцирања во глобалниот ланец на добавувачи што значи дека земјите треба да реагираат да се подобри конкурентноста на нивното индустриско производство. Подолг период инвеститорите бараат намалување на царинските давачки за увоз на одредени репро – материјали. За „Костал“ но и за други инвеститори присутни во земјата, ваквите мерки ќе бидат неопходни за одржување на бизнисот, а посебно за нови инвестиции и вработувања во компаниите со напредни технлогии. – посочил на средбата Виктор Мизо, главен извршен директор на „Костал Македонија“ и претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство.

Во овој период, кога инвеститорите и покрај сите тешкотии успеваат да ги исполнат сите своите обврски, од една страна, еквивалентна е потребата од професионална администрација, грижа за инвеститорите и институционална поддршка од страна на државата, смета Мизо. Општа е согласноста дека бизнисот може добро да функционира само доколку роковите и договорните обврски се почитуваат од сите страни подеднакво, додава тој.

Амбасадорот ја искористи можноста лично да направи увид во последните инвестиции во нови опреми и машини во производствениот погон, искористеноста на капацитетите, практичната примена на мерките за заштита од корона вирусот на вработените и развојните планови на компанијата.

На средбата беше изразено задоволството од континуирана меѓусебна соработка при што, двете страни изразија надеж за натамошно продлабочување на економските придобивки за компаниите во земјата низ пристапниот процес кон ЕУ.

OhridNews