Од Охрид до Њујорк, Carnegie Hall и Juilliard, од европските концертни сцени до Кина и ова лето повторно назад во градот од кој започна неговата музичка приказна.
Македонскиот кларинетист, композитор и професор Васко Дуковски, музичар со меѓународна кариера и образование на Juilliard, ова лето во Охрид го иницира првото издание на „Quadrivium Clarinet Camp & Festival“ – нова музичка и едукативна платформа посветена на кларинетот, создадена како место за средба на младите музичари, професорите, современата музичка практика и концертната сцена.

Во рамките на кампот, младите кларинетисти имаат можност непосредно да работат со професори и активни изведувачи со меѓународни академски и концертни кариери, додека фестивалската програма го отвора тој процес кон јавноста преку концерти на професорите, учесниците и гостите.
Зад иницијативата стои музичар чија професионална биографија повеќе од три децении се гради меѓу различни музички култури и континенти.
Дуковски настапувал на сцени како Carnegie Hall и Naumburg Bandshell во Central Park, а соработувал со Kronos Quartet, International Contemporary Ensemble и Bang on a Can All-Stars, како и со John Adams, John Corigliano, Georg Friedrich Haas и Helmut Lachenmann.
Премиерно извел повеќе од 300 нови дела, снимал за Naxos, Deutsche Grammophon и New World Records, а неговата кариера го носи и во академскиот свет. Денес е професор по кларинет на Универзитетот за уметности во Нанџинг, а професионалниот пат го поврзува и со Juilliard во Њујорк, каде што се образувал и подоцна бил ангажиран како предавач во нивните музички програми.
Но, Quadrivium ја носи таа акумулирана меѓународна професионална приказна назад во Охрид. Не само за концерт, туку за знаењето, искуството и контактот со новите генерации да останат дел од градот од кој неговиот сопствен музички пат започнал.
Од професорите до следната генерација
Фестивалската програма во следните денови ја покажува токму таа идеја. На 20 август, во Музичкото училиште во Охрид, ќе настапат професорите на Quadrivium Clarinet Camp.
Следниот ден, 21 август во 15:00 часот во црквата „Св. Софија“, свој завршен концерт ќе одржат учесниците на кампот. Неколку часа подоцна, во истиот простор, кругот ќе се затвори. Во 20:00 часот, Васко Дуковски ќе се врати на сцената на „Св. Софија“ точно триесет години по својот прв настап таму.
Триесет години подоцна повторно во „Св. Софија“
Во 1996 година, како ученик во охридското музичко училиште, Дуковски го имал својот прв настап во „Св. Софија“. Во 2026 година се враќа како кларинетист, композитор и професор со меѓународна кариера – и како иницијатор на фестивал што во истиот град носи нова генерација млади музичари.
Јубилејниот концерт го носи насловот „Бисери, Фрески и Филигран“ и ќе биде финалниот концерт на првото издание на „Quadrivium Clarinet Camp & Festival“.

Специјален гостин на вечерта е Ли Јифан, 14-годишен кларинетист, пијанист и композитор и ученик на Дуковски, добитник на повеќе меѓународни признанија, меѓу кои прва награда за кларинет на OPUS International Music Competition во Краков, платинеста награда на Ravel Award Competition 2026 во Гдањск и Гран-при на Classic Pure Vienna Competition 2026.
Неговото присуство во Охрид ја носи можеби најубавата симболика на целиот Quadrivium. Пред триесет години Дуковски влегол во „Св. Софија“ како ученик. Триесет години подоцна се враќа како професор, со свој ученик.
„Бисери, Фрески и Филигран“ – светска премиера создадена од Охрид
Во центарот на концертната програма ќе биде светската премиера на „Бисери, Фрески и Филигран“, ново дело за кларинет и пијано компонирано од Васко Дуковски. Инспирацијата доаѓа од местото на кое делото првпат ќе биде изведено: фреските на „Св. Софија“, традицијата на охридскиот филигран и бисерот како еден од најпрепознатливите симболи на Охрид.
Останатата програма патува низ векови, музички школи и континенти – од француската кларинетска традиција на Месаже, Рабо, Шосон, Дебиси и Сен-Санс, преку виртуозните оперски фантазии врз „Травијата“ и „Кармен“, до „Сонцето сјае над Ташкорган“ на Чен Ганг, инспирирано од Патот на свилата, и „Три прелудиуми“ на Џорџ Гершвин во аранжман на Чарлс Најдих, професорот на Дуковски на Juilliard.
Триесет години по првите ноти во „Св. Софија“, Васко Дуковски се враќа во истиот простор со сопствена композиција, со музичари со кои денес соработува и со ученик од генерацијата што доаѓа по него.
А меѓу тие две точки стои целата идеја на Quadrivium: знаењето што еднаш си го добил да го однесеш во светот и еден ден да го вратиш таму од каде што си тргнал.

20 август | 20:00
Концерт на професорите на Quadrivium Clarinet Camp
Музичко училиште, Охрид
21 август | 15:00
Завршен концерт на учесниците на Quadrivium Clarinet Camp
Црква „Св. Софија“, Охрид
21 август | 20:00
„Бисери, Фрески и Филигран“
30 години од првиот настап на Васко Дуковски во „Св. Софија“
Васко Дуковски – кларинет
Шунјин Ванг – пијано
Специјален гостин: Ли Јифан – кларинет
Црква „Св. Софија“, Охрид
OhridNews













