Со Законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход, од 1 јануари 2018 година се воведува нова процедура за пресметување и плаќање на обврските за персонален данок на доход, односно пресметувањето на данокот ќе се врши со поднесување на Електронска пресметка за приход и данок (е-ППД) до Управата за јавни приходи, преку новиот систем е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk. 

Кој има обврска да поднесува Електронска пресметка за приход и данок (е-ППД)? ѓ

• Исплатувачи на приходи (правни лица и СВД кои водат деловни книги) – кога исплаќаат приходи по сите основи на физички лица – резиденти на Република Македонија и на нерезиденти, освен за исплата на плата на вработени лица.
• Физички лица-резиденти кои остваруваат приходи од други физички лица и приходи од странство, освен за приходи од вршење на самостојна дејност.
• Физички лица-нерезиденти кои остваруваат приходи од други физички лица во Република Македонија.

Намалување на административнот товар и поедностување на постапките за пријавување и плаќање на персоналниот данок

Со воведувањето на новите кориснички ориентирани услуги за персонален данок, покрај низа придобивки, се намалува и административниот товар и се укинуваат обврските за даночните обврзници (исплатувачи на приходи, вршители на дејност и граѓани) за достава на пријави и извештаи до УЈП, и тоа:

ИСПЛАТУВАЧИ НА ПРИХОДИ – Со воведувањето на Електронската пресметка (е-ППД), исплатувачите на приходи почнувајќи со исплатите што ќе ги вршат од 01.01.2018 година, ќе немаат повеќе обврска да му издадат на секој обврзник збирен податок за вкупно платената аконтација, како и да поднесуваат годишни или месечни извештаи ПДД-ГИ, ПДД-ГИ/ОЗП, ПДД-ГИ/ОЦО, ПДД-МИ/ИС. Исто така, исплатувачите преку системот e-pdd.ujp.gov.mk, за исплата на приходи на физички лица-нерезиденти ќе имаат преглед на поднесените барања за користење на даночни стапки според договорите за одбегнување на двојното оданочување и двојното ослободување (Барање за ослободување од данок на доход Б-ОДД и Барање за олеснување односно ослободување од данок на доход по видови на приход Б-ОДД/ВП), како и одобренијата од Управата за јавни приходи издадени по поднесените барања. Во Електронската пресметка (е-ППД) данокот за приходот што треба да се исплати на нерезидентот ќе се пресмета по даночната стапка од меѓународниот договор според одобрението од Управата за јавни приходи.

ГРАЃАНИ – Со воведувањето на Електронската пресметка (е-ППД), граѓаните за приходите кои подлежат на оданочување, а се остварени во земјата или во странство, почнувајќи од 01.01.2018 година, немаат повеќе обврска за поднесување на Аконтативни даночни пријави ПДД-АДП/ПИ, ПДД-АДП/КД и ПДД-АДП/ДП. Почнувајќи од 2019 година, Управата за јавни приходи ќе им издава пополнета Годишна даночна пријава на граѓаните преку системот e-pdd.ujp.gov.mk, за приходите кои ќе ги остварат во 2018 година. Граѓанинот ќе има обврска само да ја потврди или корегира пријавата.

ФИЗИЧКИ ЛИЦА КОИ ОСТВАРУВААТ ПРИХОДИ ОД ПРОДАЖБА НА СОПСТВЕНИ ЗЕМЈОДЕЛСКИ ПРОИЗВОДИ – Со законските измени и новите даночни процедури за персонален данок, физичките лица кои остваруваат приходи од продажба на сопствени земјоделски производи, за приходите остварени почнувајќи од 1 јануари 2018 година, немаат обврска за поднесување на Пријава за регистрација на обврзниците кои остваруваат приходи од земјоделска дејност УЈП-РДО/З и Барање за паушално оданочување за остварени приходи од земјоделска дејност ПДД-ПЗ.

СИТЕ ДАНОЧНИ ОБВРЗНИЦИ кои се обврзани за поднесување на Електронската пресметка (е-ППД), преку системот e-pdd.ujp.gov.mk ќе имаат можност за преглед на износите на повеќе платен платен персонален данок по поднесените Електронски пресметки (е-ППД), како и да поднесуваат и вршат преглед на поднесените Барања за враќање на повеќе или погрешно наплатен ПДД. Ќе нема обврска за поднесување на Барања за пренасочување на погрешно платен ПДД.

OhridNews