Од 15 декември започнува наградната игра МојДДВ #МојаНаграда, која ќе трае една година и на која ќе се доделат две главни премии од по 50.000 евра, секој месец ќе се доделуваат 15 награди од по 100.000 денари, додека секој ден ќе се доделуваат по 10 награди – 4 по 1.000 денари, 3 награди по 2.000 денари и 3 награди по 3.000 денари. Вкупниот фонд на #МојаНаграда е половина милион евра, а ќе можат да учествуваат сите полнолетни граѓани кои се регистрирани во системот на е-персонален данок и кои скенираат фискални сметки преку апликацијата МојДДВ, истакна министерката за финансии Нина Ангеловска на денешната прес-конференција на која беше претставена #МојаНаграда.

Добитниците на дневна основа ќе се извлекуваат софтверски преку електронски генератор и ќе бидат известени преку самата апликација „МојДДВ“. Тие ќе добијат известување колкава награда добиле или доколку не добиле награда ќе добијат едукативна порака. Оние кои при скенирање на сметките нема да добијат дневна награда, ќе учествуваат во извлекувањата на месечно ниво и на извлекувањата за премиите. Извлекувањата за месчените награди и за премиите ќе бидат јавни. – појасни министсрката Ангеловска.

Организатори на наградната игра #МојаНаграда се Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Државна лотарија на Македонија.

Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска истакна дека мерката Мој ДДВ, дава одлични резултати.

-Вкупно корисници на апликацијата заклучно 28 ноември има 184.728 корисници, скенирани се 39.584.924 фискални сметки. Остварен е промет од 19 милијарди 378 милиони денари. Вкупно остварена наплата на ДДВ од 5% и 18% од овој промет изнесува 2 милијарди 98 милиони 709 илјади денари. Вкупно оствареното право на поврат за време на цело време на траење на мерката изнесува 5 милиони 119 илјади евра. – рече директорката Лукаревска.

На заедничката прес конференција беше упатен апел до граѓаните кои немаат внесено трансакциска сметка за поврат на ДДВ да го направат тоа, во спротивно на истите не ќе може да им бидат трансферирани средства по основ на поврат на ДДВ.

OhridNews
Извор: Министертво за финансии