Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, по барање на ЈП Национални шуми – Скопје, согласно член 57, став 3 од Законот за шумите, даде согласност за воведување на целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште во периодот од 00.00 до 24:00 часот, на територијата со која стопанисува јавното претпријатие.

Целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште не важи за: Министерството за внатрешни работи, Министерство за одбрана, Шумската полиција, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, ЈП Национални шуми, субјектите што вршат шумскостопански активности, шумски работи и заштита на шумите, и лица коишто имаат писмено одобрение за движење во шумите со кои управува ЈП Национални шуми – Скопје, посочуваат од ЈП Национални шуми – Скопје.
Движењето, појаснуваат, ќе биде дозволено единствено со писмено одобрение издадено од подружниците на ЈП Национални шуми – Скопје за подрачјето со кое стопанисуваат/управуваат.
За спроведување на забраната одговорни се вработените од ЈП Национални шуми кои вршат дејност заштита, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Шумската полиција и МВР. За движење низ парк шумите (на пр: Водно) и Националните паркови, граѓаните да се информираат кај правните субјекти кои управуваат со овие територии, додаваат.
OhridNews









