Од 25-ти јуни до 2-ри  јули, во Охрид, ќе се одржи петтата сесија на меѓународната Летна школа за архитектура во организација на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ колеџ Скопје и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид.

Во рамки на свеченото отворање, што ќе се одржи во недела, во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 20 часот, отворено предавање ќе одржи архитект Деан Лах на кое ќе ја претстави работата на студиото Енота.

Тема на овогодинешната сесија е „Природни системи“ и ќе биде под раководство на архитектот од Словенија, Деан Лах, коосновач и партнер во реномираното архитектонско студио Енота од Љубљана, Словенија. Гости на Летната школа ќе бидат и архитектите Крешимир Рогина и Винко Пенезиќ од Хрватска и Јуриј Личен од Словенија. Со студентите ќе работи и тимот од Факултетот за архитектура и дизајн.

Во претходните сесии на Летната школа на Факултетот за архитектура и дизајн гости тутори беа архитектите Јошихару Цукамото, Момојо Каиџима (Atelier Bow-Wow) од Јапонија, Симон Хартман, Симон Фроменвилер и Тило Херлих (HHFArchitects) од Швајцарија, Винко Пенезиќ и Крешимир Рогина (Penezic & Rogina architects) од Хрватска.

Ohridnews