Од Охрид денеска започнува големиот музичко-сценски караван „Силно светнал ден“, организиран по повод 35 години од независноста на Македонија. Првата станица е стадионот „Билјанини Извори“, каде вечерва ќе настапат Игор Џамбазов и повеќе од 30 македонски изведувачи.
Спектаклот, во режија на Дејан Пројковски, е замислен како патување низ македонската културна и колективна меморија, раскажано преку музика, театар, поезија и современ сценски израз.
Во центарот на приказната е Игор Џамбазов, во улога на главен лик, домаќин и раскажувач, кој ја води публиката низ различни времиња и генерации. Сценариото започнува со едно навидум едноставно прашање – како се пишува песна за Македонија?
Од него се отвора приказна која ги поврзува Блаже Конески, Кочо Рацин, Крсте Петков Мисирков и Гоце Делчев, македонската книжевност и големите музички рефрени, со хип-хопот, современата сцена и младите генерации на кои им припаѓа иднината.
На сцената на „Билјанини Извори“ ќе настапат Тамара Тодевска, Пере Нокаут, Игор Дурловски, Пеце Суперхикс, Бојана Скендеровски, Бранко Николовски, Зуица Лазова, Александар Тарабунов, Полина Тасева, Бојан Стојков, Миле Кузмановски, Огнен Здравковски, Дорис Димовска, Андријана Јаневска, Елена Ристевска, Ана Дурловска, Ана Петановска, Драган Мијалковски, Димитар Андоновски, Дарко Гроздановски, Ружица Брчиоска, Таско, Next Time, Тони Зен, Young Dadi, Лина Пејовска, Марија Спасовска и Мина Блажев.
Спојот на различни генерации, жанрови и музички изрази е суштината на концептот 35-те години независност да не бидат претставени само како хронологија, туку како жива приказна во која минатото разговара со сегашноста, велат организаторите.
Програмата вечерва започнува во 19:30 часот со DJ сет, додека официјалниот музичко-сценски спектакл е закажан за 20:30 часот.
Влезот е слободен.
По Охрид, „Силно светнал ден“ ќе го продолжи патувањето низ Македонија, како дел од одбележувањето на 35-годишнината од независноста на државата.
OhridNews













