Концертот на светски познатиот музичар Владимир Четкар синоќа во Camping Ljubanista вечери долго ќе се памети.

Музичкото патување за дел од публиката започна уште во Охрид, од каде со бродови пристигна во Љубаништа, давајќи посебен шмек на целото доживување.

За вистинското загревање беше задолжен DJ Face, кој со одлично избран сет и ритам во склад со зајдисонцето ја подготви публиката за главниот настан на вечерта.

А потоа сцената ја презеде Владимир Четкар.

Харизматичен и енергичен, Четкар уште од првите моменти воспостави непосреден контакт со публиката. Комуникацијата беше постојана, реакциите одлични, а позитивната енергија меѓу сцената и публиката растеше како што одминуваше концертот.

Во уникатниот амбиент на отворено, непосредно покрај езерото, Четкар изведе авторски композиции од своите албуми, претставувајќи го својот препознатлив музички израз во кој се преплетуваат џезот, соулот, фанкот и диско звукот. Енергичниот настап одлично беше прифатен од публиката, која уживаше и активно комуницираше со него во текот на концертот.

Кулминацијата дојде на самиот крај. Публиката не го пушташе Четкар така лесно од сцената, па следуваа неколку биса. А за последните акорди тој остави нешто посебно – антологиската охридска староградска песна „Ој Зарино“, со која симболично ја заокружи вечерта покрај Охридското Езеро.

Но, музиката не заврши тука. За афтерот се погрижи DJ Chvare, кој со одличен сет хаус музика ја продолжи забавата до доцните часови.

Од зајдисонцето, преку авторската музика и енергичниот настап на Четкар, до „Ој Зарино“ за крај, топлата августовска ноќ под отворено небо во Кампинг Љубаништа понуди сè што е потребно за едно вистинско охридско летно доживување.

OhridNews

Фото: Г.М.