Достоинствено, како што му доликува на милениумскиот јубилеј, денеска Бигорскиот манастир со централна прослава одбележа 1000 години од основањето.
По пречекот на претседателот Стево Пендаровски,кој е покровител на прославата и Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, од Епископот Антаниски г. Партениј и традицинална мијачка гарда, беше отслужена Божествена архијерејска Литургија, со која чиноначалствуваше Архиепископот г. г. Стефан, во сослужение со своите собраќа од Светиот Синод на МПЦ-ОА.
Бигорскиот манастир е нашиот победник над времето и над вековите, наша гордост што трае зашто од љубовта кон него и од љубовта од него израсна во неисцрплив вруток во наш духовен горостас и наш најдобар презент, рече меѓу другото во пригодното слово кон присутните Архиепископот г.г. Стефан, кој посебно се задржа и на придонесот на г.Партениј и бигорското братсво за она што денес претставува Бигорски и неговите метоси, посебно за помошта и подршката што ја дава за духовните чеда.

Токму овој јубилеј не поттикнува да размислуваме колку мудро ги користиме деновите во нашите животи и во што ги вложуваме, во потрага на материјални вредности или за покажување добрина и солидарност и кон сите оние на кои животот им станал претежок и колку секој од нас прдонесува за најважната кауза-за изградбата на слободно општество на рамноправни и доблесни во кои ќе се почитува достоинството на сите. Денес на почетокот на второто илјадалетие на Бигорскиот манастир размислуваме како некоја следна генерација наши потомци ќе ги цени делата на нашата генерација. Се надевам дека ако опстанеме со силна верба и почит и по илјада години ќе имаме добрини и вредности кои ќе останат зад нас за кои ќе се прикажува, порача меѓу другото во своето обраќање претседателот Пендаровски.

Во рамки на свеченоста, Митрополитот Тимотеј и Епископот Партениј врачија повеќе ордени и благодарници на заслужни поединци и организации, кои дале значителен придонес за благолепието на Бигорски и за неговата евангелско-просветна мисија.
Синоќа беше отслужена архијерејска Вечерна богослужба, на која молитвено претстоеше надлежниот архиереј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско – кичевски г. Тимотеј.
Високо признание од Бигорскиот манастир и за Владиката Тимотеј
Пред почетокот на Вечерната богослужба, во храмот на Чесниот Претеча, Слово одржа Епископ Антаниски г. Партениј, во кое меѓу другото рече дека илјадагодишното наследство во коешто се слева текот на богослужбениот и аскетско-исихастичкиот живот, го направиле ова место плодотворна почва за обожение, Едемска градина за духовно наситување и за успокојување, прибежиште на душите изморени и обременети од гревот и светот.

Годинава се одбележува уште еден јубилеј, 25 години од замонашувањето на отец Партениј и започнувањето на неговата света мисија.
OhridNews











