Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП) ја поништило постапката за избор на фирма што ќе ја изработи проектната документација за катната гаража предвидена да се гради кај Центарот за култура „Глигор Прличев“ во центарот на Охрид.

До АДСДП не била доставена ниту една соодветна понуда за изработка на проектната документација. По неуспешниот обид за комплетирање на постапката, од АДСДП во наредниот период ќе треба да објават нов оглас за пронаоѓање на проектантска куќа за првата катна гаража во Охрид.

Гаражниот бјект треба да се гради врз основа на победничкото идејно решение изработено од „Радиус Архитекти“ од Скопје, кои ја освоија првата награда на архитектонскиот Конкурс реализиран во февруари годинава.

Катната гаража кај Центарот за култура „Глигор Прличев“ ќе има приземје и четири ката и ќе се простира на површина од 4.500 метри квадратни.

OhridNews

извор Build.mk