Според државниот инспекторат за локална самоуправа, мандатот на советите е истечен на 24 март и сите одлуки донесени после овој датум се неважечки и се ставаат вон сила. Ова дополнителнo ја компликува ионака компликуваната состојба во која се најдоа локалните самоуправи поради длабоката политичка криза во земјата. Иако од одржувањето на парламентарните избори помина речиси половина година Собранието се уште не профункционира нормално, а нема ниту влада.

Инспекторатот посочува дека вон сила ќе бидат ставени 600 одлуки на советите, меѓу кои и тие на советот на општина Охрид донесени на 70-та седница одржана на 27-ми април, на која советниците ја усвоија информацијата за состојбата на веслачкиот клуб „Југ“ заедно со предложените план и мерки за продолжување на постоењето и активноста, како и предлог одлуката за исплата на долгот на клубот по основ на правосилни извршни исправи. На оваа седница советниците го прифатија и предлог одлуката за учество на општина Охрид во реализација на летен фудбалски камп „Барселона 2017“ и ги усвоија и предлог одлуките за одобрување на финансиски средства за материјално финансиска поддршка на ракометниот клуб „Охрид“ за 2017, измените и дополнувањата на развојната програма за уредување на градежно земјиште за 2017 – 2019 година, измената на распоредот на средствата на Буџетот на општина Охрид за 2017 година, дополнување на одлуката за организирање на режимот на сообраќај на дел од територијата на општина Охрид, како и низа предлог одлуки од сферата на урбанизмот.

Oд друга страна според државниот инспекторат за локална самоуправа градоначалниците технички може да ја извршуваат функцијата до крајот на тековната година, но не може да се повикуваат на одлуки на советот. Тоа значи дека градоначалникот до доаѓањето на нов градоначалник продолжува технички да ја извршува функцијата и да потпишува налози за исплати на плати на вработените во општините и институциите под нејзина надлежност.

OhridNews