Претставници на менаџерскиот тим на германската компанија „ODW ELEKTRIK“ која според најавите наскоро ќе отвори фабрика во Охрид, во текот на изминатите два дена спровеле интервју на потенцијалните кандидати за вработување.
Според неофицијални информации, интервјуата биле направени во пишана форма на 30 лица од женски и околу 30 лица од машки пол кои претходно биле дел од евиденцијата на невработени во Центарот за вработување од Охрид.
Изминатите два дена кандидатите биле интервјуирани во објект кој е лоциран надвор од Охрид. Освен интервјуто, менаџерите на компанијата извршиле и комплетна презентација за самата компанија, начинот на работа, описот на работните места, задачите и условите за работа. На потенцијалните работници им било објаснето дека првата група вработени која ќе биде избрана, ќе биде испратена на работна обука од 2 до 4 недели во фабриката на „ODW ELEKTRIK“ во Украина. Менаџерите најавиле дека обуката ќе биде спроведена во текот на месец јули 2014 година.
Како што неодамна објави OhridNews дел од менаџерскиот тим на компанијата во текот на минатиот месец побарал од охридскиот Центар за вработување да изготви предлог листа на невработени, кои по квалификациите и работното искуство ќе можат да одговорат на потребите на компанијата.
-Нашиот центар се јавува само како посредник при селекција на кандидатите за вработување, а изборот на кандидатите ќе си го врши компанијата. Од нас со официјален допис од компанијата беше побарано да изготвиме листата на невработени од нашата евиденција, кои имаат соодветни квалификации од електро-машинските струки, кои познаваат англиски или германски јазик, основни компјутерски програми и имаат соодветно претходно работно искуство, изјавија на почетокот од месец мај од Центарот за вработување во Охрид. Од таму објаснија дека компанијата сама ќе направи избор од посочената листа која им ја испратил Центарот за вработување.
Според најавите од македонските владини преставници „ODW ELEKTRIK“ најпрвин ќе работи во постоечкиот објект во Охрид, а потоа ќе започне со градба на нов објект во слободната економска зона, лоцирана во близина на аеродромот „Св. Апостол Павле“ и планира да вработи околу 1.000 работници.
Лудвиг Батон, директор на „ODW ELEKTRIK“ за македонските медиуми изјави дека причината зошто решиле да инвестираат во Македонија, се квалификуваната работна сила, добрата индустриска традиција, искуството во индустријата.
„ODW ELEKTRIK“ има над 2.000 вработени во своите капацитети во Германија, Унгарија и Украина. Оваа компанија произведува електрични инсталации за најпознатите автомобилски брендови како Мерцедес, Порше, БМВ и Фолсваген.
Е.М



.jpg)










