ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ учествуваше на 5-от Меѓународен натпревар „Балкан Јуниор“, кој оваа година се одржа во Средната мешовита школа во Тешањ, Босна и Херцеговина од 11 до 14 мај. На натпреварот учествуваа околу 50 ученици, ментори и директори на средни стручни училишта од осум држави: Словенија–Велење, Хрватска–Лабин, Србија–Ваљево, Црна Гора–Никшиќ, Македонија–Охрид, Турција–Истанбул, Романија–Констанца и Босна и Херцеговина–Тешањ.

Учениците Иван Јузмески, втора година во образовниот профил електротехничар за компјутерска техника и автоматика, и Дејан Јанески трета година во образовниот профил електротехничар за компјутерска техника и автоматика, под менторство на наставниците Владо Јанкулоски и Борис Стрезоски, изработија работен дел „Задвижувач“ управуван од микроконтролер кој наоѓа примена кај управувањето со CNC-машини. Со најдобра практична изведба, после теоретскиот дел севкупно го освоија четвртото место.

Соработката помеѓу училиштата се темели на размена на знаење и вештини преку практична работа од областа на машинство, електротехника и мехатроника. Досегашните натпревари опфаќаа управување со CNC машини, програмирање на микроконтролери, работа со 3Д принтери и реализација на електропневматски системи управувани со PLC-а.

Големо значење се придава и на воспоставувањето на долготрајни пријателства меѓу учениците, како и запознавање со други култури и обичаи. Последниот ден домаќинот организира целодневен излет за сите учесници во “Балкан Јуниор“. Овој пат тие имаа прилика да ги посетат Сараево, Башчаршија и културно-историските знаменитости на градот и Високо, со посета на Босанските пирамиди и подземните тунели кои се наоѓаат во непосредна близина.

OhridNews