По одличната организација на ракометните натпреварувања во 2008 година, кога во Охрид имаше Европско првенство за сениорки и светски собир на најдобрите јуниорки, и годинава туристичкиот бисер на Македонија ќе биде домаќин на серија младински првенства.

Првото такво натпреварување е женското Европското првенство за кошаркарки под 20 години од Б-дивизијата, кое се игра од 7 до 15 јули.

Веднаш по завршувањето на кошаркарскиот континентален собер, Охрид ќе биде домаќин на Светското ракометно првенство за јуниорки. Секако, не треба да се заборави традиционалниот пливачки маратон во јули како и Илиндеската регата.

Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, смета дека ваквите настани се големо признание за градот, кој мора сериозно да работи на афирмацијата на Охрид на спортски план.

– Тоа што ќе бидеме домаќини на СП е доволна потврда дека Охрид се вбројува во светските познати градови и дестинации. Убеден сум дека ќе бидеме беспрекорни домаќини и за СП и дека ќе стекнеме уште многу нови пријатели, гости и почитувачи – истакна градоначалникот Петрески.

Спортското лето Охрид ќе го заврши со најдоброто од македонската кошарка – македонската А-репрезентација. Претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија, Даниел Димевски, најави кошаркарски турнир во август како подготовка на репрезентацијата пред Европското првенство во Полска.

М.П.