Со извонредна изведба на химната за светите браќа од страна на учениците од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ започна свеченоста по повод 24. Мај Денот на сесловенските просветители пред монументалниот споменик на Св. „Кирил и Методиј“ во Охрид.

Пред присутните претставници на локалната самоуправа, претставници на политичките партии, претставниците од воспитно образовните и други институции, учениците и родителите, почитувачи на ликот и делото на светите браќа се обрати секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.

Со посебен пиетет го чествуваме извонредно епохално и просветителско дело на светите Кирил и Методиј и нивното огромно значење за Македонија, Европа и светот изразено преку нивните мисии меѓу словенските народи во 9-тиот век. Кирил и Методиј веруваа во правото на секој народ да го користи својот јазик, а врз основа на тоа да го гарди својот идентитет, литература и култура. Правејќи го цивилизацискиот чекор за Европа преку создавање на нашата прва азбука глаголицата солунските браќа им дадоа насоки на своите следбеници во создавањето на кирилицата како основа за стандардизација на македонскиот јазик и писмо. Нивното дело за нас е посебно важно, бидејќи нивните ученици светите Климент и Наум во Охрид ќе го основаат сесловенскиот духовен и книжевен центар. Охридската книжевна школа по својот идентитет е духовен извор со посебни карактеристики, диференцијално етаблиран повеќе од кој било словенски духовен центар и претставува темел на продолжување на кирилометодиевската традиција, рече Китески.

Додаде дека просветителската мисија на Кирил и Методиј отсекогаш била инспирација за деца, учениците кои покажале најдобри резултати на регионални, државни и меѓународни натпревари.

Учењето нови работи е безвременско задоволство и бесценето богатство. Затоа, драги наши деца, крадете знаење, учете. Образованието е клучот што ја отклучува златната порта на слободата, а еднаш просветлен ум не може никогаш да биде мрачен. Како локална власт ќе го поддржуваме секој ваш успех и ќе работиме на создавање услови за реализација на секој ваш добар проект, зошто само така може да градиме напредни општества. Делото на Св. Кирил и Методиј не обврзува да го промовираме, да ги промовираме нивната мисија на учење и традицијата која се темели на мирот, духовното богатство на луѓето, меѓусебното почитување, толеранцијата и солидарноста, додаде Китески.

Наградите на учениците од средните училишта кои низ тековната година постигнаа значајни резултатите на натпреварите им ги врачи претседателот на Советот на Општина Охрид, Сашо Донев, наградите на учениците од основните училишта ги врачија секретарот на Општина Охрид Александар Китески и советникот Перчо Божиновски, додека на учениците од музичкото училиште наградите ги врачи Димитар Спасески од Секторот за образование во Општина Охрид.

Фото галерија:

Наградени најуспешните ученици

Свежо цвеќе пред споменикот положија делегација на Општина Охрид предводена од претседателот на Советот на Општина Охрид, Сашо Донев, делегации од средните и основни училишта во Охрид, делегација од градинката, охридската Библиотека, како и делегации од претставници на политичките партии, институции, организации и поединци почитувачи и продолжувачи на светото кирилометодиево.

Фото галерија:

Положено цвеќе пред монументалниот споменик на Св. „Кирил и Методиј“ 

Утрово во рамките на чествувањата во Домот на култура „Св. Кирил и Методиј“ во населбата Кошишта се одржа и Панихида.

Н.С.Ј.