Традиционално, прославата на патрониот празник на Охрид Свети Климент Охридски, се заокружи со осмодекемвриската свечена академија во Центарот за култура Григор Прличев, Што се одржа синоќа. На академијата говор одржа градоначалникот Александар Петрески кој се пофали што се направил оваа година, потенцирајќи ги изградбата на споменикот на Св. Климент на градскиот плоштад и реконструкцијата на гимназијата, со што овој објект го доби ликот од пред 1936 година кога беше опожарена.

Но, впечаток е, дека изостана  беседно слово за Свети Климента, а токму неговото големо дело е повод за празнувањето.


(Фото: Александар Ковачески)

На свеченоста беа доделени наградата Св. Климент Охртидски-Патрон на градот, што како највисоко признание годинава ја доби Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Свети Еразмо Охрид и повелбите кои ги добија младата флејтистка од Охрид Катерина Бачевска, манифестацијацијата Поетска ноќ во Велестово и фирмата Лескоп. Во име на наградените се заблагодари в. д. директорот на болницата Свети Еразмо, доктор Митко Тилески.
Академијата имаше разнолик и малку подолг културно-уметнички дел, во кој организаторот општина Охрид ги донесе оперските пејачи Славица Петроска-Галиќ и Марјан Николовски, кои ја изведоа Песната за Св. Климент, што за патронатот на градот ја создаде авторот Димитар Масевски. Хорот и учениците од Гимназијата Св. Климент Охридски пееја и рецитираа, настапија младата оперска надеж Миланка Новеска, виолинистите Климент и Милена Тодороски и пијанистката Ирена Веруш и децата од детската градинка Јасна Ристеска.


(Фото: Александар Ковачески)

И покрај преполнетата сала на Центарот за култура, каде меѓу посетителите беа и Владиката Дебарско-Кичевски Тимотеј, претставници на дипломатскиот кор во земјава и делегации на повеќе градови од странство пријатели на Охрид, манифестацијата би се издигнала на повисоко ниво, доколку се воспостави ред без забележителното вознемирување на гостите и изведувачите од страна на оние на кои им недостасува култура за следење на вакви настани.