ЈП „Градски пазар“ распиша тендер за избор на најдобар понудувач со цел склучување договор за јавно- приватно партнерство за изградба на нов објект. Според изработената физибилити студија новиот објект ќе биде со бруто површина од 6.779 метри квадратни, на приземје, два ката и подземен паркинг  со 150 места.

Според изработената студија, со цел проектот да има економска оправданост, на приземниот дел од објектот  на најмалку 1230 метри квадратни ќе се протега зелен пазар кој ќе располага со 192 тезги , според ХАСАП систем , а сето тоа ќе биде обврска на партнерот, објаснуваат од локалната самоуправа.

Со целиот простор од приземјето, како и  со 341,5 метри квaдратни на првиот кат од објектот,  наменети за деловен простор, ќе стопанисува градот.

На тендерот, како партнер  ќе биде избрана онаа фирма која ќе понуди најголема квадратура за изградба на вториот кат од објектот,  со која во иднина ќе стопанисува. 713 метри квадратни е површината од која ќе започне наддавањето на тендерот, потенцираат од локалната самоуправа.

Партнерот ќе има обврска и да изврши реконструкција на фасадата на постојниот објект во кој е сместена администрацијата на јавното претпријатие, како и да ги реконструира покривот и халата. Негова обврска ќе биде и преземањето на сите вработени(31)  за кои во периодот од шест месеци додека траат градежните работи, ќе треба да им исплаќа редовни месечни приходи.

Т.К.