Со 16,5 милиони денари од централниот буџет ќе се финансираат два проекти на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, од кои, со едниот, ќе се подобрува енергетската ефикасност на јавните објекти во седум општини што му припаѓаат на Регионот. Со вториот ќе се унапредуваат услугите во туристичките средини, преку поставување на комунална опрема, односно јавни тоалети во четири општини. Договорите за реализација на проектите се потпишаа вчера во Скопје во Бирото за регионален развој и истите треба да бидат реализирани до крајот на годинава.

На потпишувањето на договорите присуствуваа министерката за локална самоуправа Ширет Елези, директорот на Бирото за регионален развој Џемаил Елмази и државниот секретар во Министерството за локална самоуправа, Билјана Цветановска-Гугоска.

– Во  Југозападниот плански регион со средствата ќе се изведуваат инфраструктурни проекти во општините Охрид, Струга, Кичево, Вевчани, Центар Жупа, Дебар и Дебрца. Станува збор за јавни објекти (четири училишта, две детски градинки и три административни објекти во сопственост на општините) во кои ќе се подобрува енергетската ефикасност преку нивна целосна реконструкција, замена на старата столарија, изолација на фасади и вградување на системи за греење. Со вториот проект ќе се унапредуваат услугите во туристичките средини, преку поставување на јавни тоалети во Охрид, Струга, Вевчани и Центар Жупа, нагласува раководителот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион Мирјана Лозаноска.

Вчера во Бирото за регионален развој се потпишаа договорите за 19 поголеми проекти за развој на планските региони со вредност од 110 милиони денари, средства што од националниот буџет на државата се издвојуваат за програмата за регионален развој на Министерството за локална самоуправа. Најголемиот дел од  проектите сенаменети за подобрување на инфраструктурата, а со цел да се постигне порамномерен развој во Регионите.

– Владата е силно посветена на рамномерниот регионален развој и од година во година средствата кои се инвестираат во Програмата континуирано се зголемуваат. Вкупно одобрените 60 проекти за планските региони, специфичните развојни продрачја и за селата ќе го подигнуваат стандардот на живеење на граѓаните и на тој начин ќе се обезбеди побрз и стабилен економски развојна РМ, нагласи Министерката Ширет Елези, која присуствуваше на потпишувањето на договорите на одобрените регионални проекти на центрите за развој на планските региони во 2017 година.

OhridNews