Триесеттина делегати од Охрид, Скопје, Куманово и Штип, зедоа учество на првото Годишно собрание што се одржа денеска во Охрид, на кое се разгледуваше работата на Сојузот на акцијаши и волонтери на Македонија во изминатата година. На собранието беше донесена одлука Охрид ова лето да биде домаќин на меѓународен волонтерски камп.
-Кампот е планирано да се организира на крај од месец август. Ќе се организира и голема акција за расчистување на коритатат на реките Коселска, Грашница и Рачанска река. Се е веќе договорено и остануваат само уште некои финеси. – изјави Зоран Стевоски од акцијашкиот клуб „Брег на младоста од Охрид.
Зоран Стевоски
Јусуф Љатифи, претседател на клубот “Кумановски акцијаши“, вели дека целта на делувањето на акцијашките клубови денес во Македонија е всушност да се поттикне волонтерството кај младите.
– Волонтеризмот кај нас е во почетна фаза иако постои во Македонија некаков Сојуз на волонтери кој всушност е само на хартија. Ние поранешните акцијаши, сега со додавка волонтери работиме на промоција и развој на волонтеризмот со акцент на заштита на животната средина и хуманоста. – рече Љатифи, посочувајќи дека денес во светот има 200 милиони волонтери.
Љатифи истакна дека не може да се спореди времето на акцијаштвото во поранешна Југославија и денес, но постои тренд на зголемување на бројот на волонтери кај нас.
Сојузот на акцијаши и волонтери на Македонија по одржаното собрание реализираше еколошка акција за расчистување на зелениот простор од Билјанини извори до хотел Белведере во соработка со ЈП Охридски Комуналец.
OhridNews















