Општина Охрид утре  претпладне ќе му приреди свечен прием  на познатиот италијански поет, сликар и скулптор, Винченцо Бјанки во селото Велестово каде што ќе биде свечено пуштен во употреба Домот на културата. Со овој чин, Локалната сака да му се оддолжи на Бјанки за 200 уметнички слики што тој му ги подари на градот. Дел од неговата колекција уметнички дела ќе си најде постојано место во новоотворениот културен објект во селото.

Винченцо Бјанки  ја отвори првата академија за скулптура во Фиренца, а повеќе од 600 негови дела се наоѓаат во повеќе музеи на уметност во светот. Тој е иницијатор за отворање на Универзитет на уметноста  и музеј во Охрид кој што ќе го носи името на основачот на Охрид-Кадмо и во кој ќе бидат сместени негови, но и дела на познати светски уметници.

„ Охрид како град од кој извира писменоста и културата заслужува  да има еден музеј каде ќе дише светската култура и каде народите ќе се спознаваат и разбираат преку уметноста“, изјави Бјанки, минатата година  за Ohridnews.

Во 1998 година тој учествуваше и на Струшките вечери на поезијата, а охридската локална власт му додели и „клуч“ на градот во знак на благодарност и пријателство.

ohridnews