Охрид повторно беше центар на традиционалното ИТФ таеквон-до. Деновиве во спортската сала „Билјанини Извори“ успешно се одржа меѓународниот турнир „Охрид Опен 2026“, на кој настапија 317 натпреварувачи од девет европски држави.

Турнирот, што се одржа на 20 јуни во организација на Македонската Традиционална Таеквон-До Федерација и Таеквон-до клубот „ХВА РАНГ ИТФ“ од Лескоец – Охрид, собра спортисти од Македонија, Молдавија, Грција, Бугарија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Италија и Хрватска.

Во текот на натпреварувачкиот ден беа прикажани голем број квалитетни борби и атрактивни настапи, а организаторите оценуваат дека интересот и нивото на конкуренција потврдуваат дека „Охрид Опен“ прераснува во еден од најзначајните меѓународни ИТФ турнири во регионот.

Успешен настап забележаа македонските клубови, кои освоија вкупно 42 медали – осум златни, 11 сребрени и 26 бронзени.

Најуспешен домашен клуб беше „ХВА РАНГ ИТФ“, кој освои четири златни, шест сребрени и осум бронзени медали. Клубот ГЕ-БЕК од Ресен освои три златни, едно сребро и девет бронзи, „Мастер“ се закити со едно злато, две сребра и три бронзи, „Ахилиус“ освои две сребрени и еден бронзен медал, „Сонкал“ четири бронзени медали, а „Чон-Џи“ еден бронзен медал.

Покрај спортскиот аспект, турнирот испрати порака за пријателство, почит и соработка меѓу спортистите и клубовите од различни земји, вредности кои се меѓу основните принципи на традиционалното таеквон-до.

Од Македонската Традиционална Таеквон-До Федерација упатија благодарност до генералниот спонзор ПН Метал, како и до Општина Охрид и Министерството за спорт за поддршката во организацијата на настанот.

Со уште едно успешно издание на „Охрид Опен“, Охрид ја потврди својата улога како еден од водечките центри за ИТФ таеквон-до на Балканот и домаќин на значајни меѓународни спортски настани.

OhridNews