Охридскиот ракометен клуб освои само бод на гостувањето во Битола, ремизирајќи со вториот состав на Еурофарм Пелистер 26-26 (14-11), во петтата рунда од плејофот во Супер лигата. Бодот за охридските ракометари не е успех, затоа што во пресрет на мечот беа големи фаворити, а во текот на дуелот во салата „Боро Чурлевски“ имаа водств од пет голови предност.

Фаворитската улога на „гладијаторите“ ги мотивираше младите „пелистерци“, кои почнаа без респект кон ривалот. Дрската игра им донесе предност од три погодоци (5-2), после десеттина минути игра и целосна контрола на играта.

Охриѓани на време се консолидираа, ја стегнаа играта во одбрана, примијаќи само еден погодок во следните 10 минути. Нападот стрелаше прецизно од сите позиции и пресвртот на семафорот беше неизбежен. Охрид поведе со 11-7. Битолчани со два брзи голови се вратија на минус два (11-9), но Охрид не дозволи налетот да продолжи, стабилизирајќи играта, со што обезбеди плус три на полувремето (14-11).

На стартот од второто полувреме Охрид постигна два погодоци во серија и стигна до највисоки пет голови предност 16-11. Но наместо да го финишираат противникот, охридските ракометари, со ноншалатна игра во одбрана и избрзани акции и промашени шутеви го вратија ривалот во игра за позитивен резултат. „Пелистерци“ намалија на 18-16, а за краток временски период стигнаа на минус еден 20-19. Охрид го издржа тој налет, но не и следниот кога домаќините изедначија на 22-22. Потоа, битолчани и поведоа со 23-22. Охрид врати на 23-23 и гол за гол се играше до крајот на мечот. Манасков на пет секунди од истекот на 60-та минута погоди за 26-26 и го спаси Охрид од пораз.

Голгетерски во составот на Еурофарм Пелистер 2 се истакнаа Стефан Талевски со шест и Стоилоевски и Павле Атанисијевиќ со пет голови. Кај охриѓани Кривокапиќ и Манасков застанаа на пет голови.

Во следната шеста рунда, Охрид гостува во Струга, во популарното „Езерско“ дерби.

OhridNews
Фото: Гол.мк