Во родното место на великанот на македонската современа литература Живко Чинго, Велгошти, синоќа се одржа традиционалната манифестација „Вечер на Живко Чинго“. На културниот настан беше доделена наградата за најдобар расказ на авторката Анита Велкоска – ОДА за расказот „Зошто роботите не умеат да љубат“.

Пред присутните се обрати градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, кој истакна дека градот Охрид има света должност да ја негува традицијата и да го чува и негува споменот за Живко Чинго.

Од година во година иста или слична сценографија за манифестацијата посветена на нашиот великан Живко Чинго. И верувајте навистина е тешко да се најдат зборови, фрази, метафори со кои секој 13ти август ќе се разликува од претходниот во изразувањето на нашата почит кон Живко Чинго. Но, зошто и би се разликувало. Едноставноста е одлика на совршенството, само патот да стигнете до совршенството е сложен. А, Чинго беше токму тоа – едноставен и совршен, со сите човечки доблести и маани. Тој беше полнокрвен човек, затоа беше и најголемиот раскажувач. Дозволете ми овде да истакнам дека тој беше и есенцијален Македонец. Зошто не можете да бидете Македонец – творец, а во својата уметност да ја немате планетарната универзалност. Таков беше и нашиот Чинго – Велгоштанец, Македонец и граѓанин на светот. – рече Пецаков.

Заблагодарувајќи се, лауреатот Анета Велкоска – ОДА рече дека и претставува огромна чест што е добитник на наградата која го носи името на големиот писател Живко Чинго.

Беседа за Живко Чинго одржа археологот Паско Кузман, кој изнесе бројни факти и случки од животот на Чинго, додека за животот на Живко Чинго говореше Гоце Џуклески.

Манифестацијата беше збогатена со богата културно – уметничка програма.

OhridNews