Со богата културна, духовна и научна програма, од денес до 9 август, Охрид ќе ги одбележи 1110 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски и 1140 години од основањето на Охридската книжевна школа.

Свеченостите се организираат од Општина Охрид, а ќе се одржат на повеќе локации во градот, со учество на истакнати научници, уметници, музичари и духовници.

Програмата започнува вечерва (5 август) со отворањето на Интернационалниот хорски фестивал „Свети Климент Охридски“, кој ќе се одржи во Предворјето на „Амам“ со почеток во 20 часот.

На 6 август, во црквата „Света Софија“, ќе биде промовирана книгата „Охридска книжевна школа“ од проф. д-р Димитар Пандев, по што ќе следува културно-уметничка програма со монологот „Деца сме на Климента“ во изведба на Владо Дојчиноски и настап на Детскиот црковен хор „Плаошник“.

За 7 август е најавена свечената музичка вечер „Деца сме на Климента“, во која ќе настапат охридскиот женски квартет „Harmonix“, сопранот Стефани Дудиќ, сопранот Билјана Буцаковска-Трифуновска, флејтистката Кристина Љушковска и пијанистот Дамјан Милески.

На 8 август, во црквата „Свети Пантелејмон“ на Плаошник ќе се одржи празнична вечерна богослужба, а вечерта во Лапидариумот – Куќата на Робевци ќе биде промовирана книгата „Свети Климент Охридски во современата македонска творечка инспирација“ од проф. д-р Зоран Пејковски, проследена со музичка програма.

Свеченостите ќе кулминираат на 9 август, кога во црквата „Свети Пантелејмон“ ќе се служи Света божествена литургија, а во Куќата на Уранија ќе се одржи церемонијата по повод 35 години од формирањето на Охридската академија на хуманизмот, на која ќе биде врачена Светската награда за хуманизам на проф. д-р Кристоф Бенедиктер. На свеченоста се најавени обраќања на претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков и претседателот на Охридската академија на хуманизмот Јордан Пленеш, како и доделување на Повелба на хуманизмот на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, по повод 40 години од неговото замонашување.

Градоначалникот Кирил Пецаков ги повика граѓаните да бидат дел од одбележувањето на двата значајни јубилеја.

Од денес до недела, преку низа културни и духовни настани, заеднички ќе му оддадеме достојна почит на нашиот патрон и на неговото непроценливо книжевно и културно наследство, порача Пецаков.

OhridNews