Почитувани, пред вас е првото издание на Ohridnews.com – новороденче на медиумскиот простор во Охрид. Иако во светот Интернетот зазема се поголем простор во размената на информации и современиот начин на комуникација, во најголем дел од практични причини, заради предностите и неограничените можности што ги нуди, кај нас “сурфаат“ едвај 6% од населението.

Ohridnews.com ги прави првите чекори во сајбер светот храбро отворајќи ги вратите зад кои се кријат неограничени можности.

Важно е навреме да се фати приклучок кон современите тенденции во светот. Новото е секогаш ризик, но и голем предизвик. Охрид заслужува да биде претставен на глобалната медиумска сцена. Така ќе не запознаат повеќе и подобро.

Со ова мото, нескриени желби и очекувања, но и со целосен професионализам, одговорно и визионерски, новинарската и техничка екипа на Ohridnews.com, отвора нова страница во информирањето.Првиот локален електронски весник во Македонија, истовремено ќе биде наш прозорец кон светот и дел од глобалниот медиумски простор каде ќе го презентира охридското секојдневие.

Преку форуми, e-mail, писма… ги очекуваме Вашите мислења, ставови, прашања и критики, со што и Вие ќе станете  дел од големата слика, на еден нов, модерен Охрид, со јасна визија за информациите, економијата, туризмот, социјалата и позитивните придобивки на сите глобализациски процеси.

Ова е почеток нa се надеваме  долга и успешна традиција. Пред вас е првото издание на Ohridnews.com, што го промовираме на овој голем празник Св. Климент Охридски-патрон на градот, кое допрва треба да ја добие замислената форма на која сеуште се работи.

Наша идеја е во иднина Ohridnews.com, да добие и други репрезентативни форми кои Охрид ќе го претставуваат и на светските странски јазици.

Од редакцијата