Охридската фирма за производство на текстил „Виеми“ веќе 15 години успешно го гради патот кон успехот. Произведувајќи за странскиот пазар и за познати брендови од година во година прераснува во фирма препознатлива по квалитетот на своите производи, како и по техничката опременост која во чекор ги следи светските трендови. Со голема свеченост вчеравечер, фирмата „Виеми“, во присуство на бројни гости, го одбележа своето 15-годишно успешно работење. За почетоците и развојот на фирмата разговараме со Виктор Алексовски, оперативен директор во „Виеми“ Охрид.

 

OhridNews: Какви беа Вашите почетоци и како се развиваше успешната приказна на фирмата Виеми?

В.А.: Нашата компанија е основана 2003 година од страна на Зоран и Зорка Алексовски после долгогодишно планирање и сонување за сопствен бизнис. Како секој старт-ап, почетоците се многу тешки со многу пречки од техничка и финансиска природа, но сепак со 20 вработени и обезбедена работа за холандски пазар, приказната за Виеми почнува да се оформува. Следува еден подолг период од 5 години каде произведувавме модна облека за брендови од Италија како Moschino Jeans, Red Valentino, DKNY, Iceberg, за во 2008 година да стапиме во контакт со Workfashion.com од Швајцарија по што започнува производството на униформи. Workfashion денес е наш најголем партнер со кој заедно соработуваме 11 години. Во тој период нашата компанија достигна број од 210 вработени и годишно производство од 350 000 парчиња облека.

OhridNews: Вчера одбележавте 15 години постоење во просториите на фирмата.

В.А.: Свечениот настан го организиравме во дворот на нашата компанија каде што беа присутни најголем дел од нашите вработени како и вработени кои се веќе во пензија или во одреден период низ овие 15 години работеле кај нас. Покрај нив, имавме претставници од нашите странски партнери како и останати компании со кои соработуваме и пријатели.

OhridNews: За кој пазар се наменети Вашите производи?

В.А.: Нашите производи се претежно наменети за Швајцарија и Германија, но во последниот период работиме на нашето присуство во Данска и другите скандинавски земји.

OhridNews: Колку често ги посетувате меѓународните саеми за текстил и колку ги следите светските трендови?

В.А.: Меѓународните саеми се задолжителни за нас, не само за текстил туку воопшто за технологија. Овој викенд сме на саем во Истанбул каде што ќе бидат презентирани најновите достигнувања кај текстилните машини. Постојано инвестираме во нова технологија, и можеме слободно да кажеме дека сме технолошки, најразвиената фирма за конфекција во Македонија. Тоа го сметаме за наша стратешка предност во однос на другите и постојано работиме на овој план.

OhridNews: Ваши идни планови.

В.А.: Имаме јасно дефинирани цели за во иднина. Се залагаме за постојано подобрување на условите за работа како и покачување на стандардот. Понатаму ќе продолжиме со уште поголеми инвестиции во нова технологија и со тоа се надеваме дека ќе ја одржиме нашата стабилна стапка на годишен раст.

Т.К.

Фото: Емилио